Кога ги слушам сите што зборуваат ЗА НАС МАКЕДОНЦИТЕ какви сме, што сме, како се однесуваме, што сме правеле во постапувањата, што говориме, би рекла дека на овој свет паметта и храброста ништо не значат и дека сосема е сеедно дали поединци се гении или будали.
Ана Роза со помош на нежни зборови нé понесува на волшебните крилја и не доближува до небото, кое ни овозможува да бидеме сведоци на тивкиот разговор со внуката Тара од небото, за сериозни теми кои допираат во срцето на Македонецот. Само Лазар Костиќ можеше тоа да го направи со безвременските зборови со саканата.
Со едно читање на книгата, читателот не може да ужива во недостижниот начин на откривање на ликовите. Привлечната моќ на гените е магнет кој случајната средба на Матеа со Антон, неидентификуваниот родител-татко, низ обичен дијалог го покажува она што само природата може да го направи меѓу двајца поединци, случајно професионално сретнати далеку од местото на раѓањето на ќерката со биолошкиот татко.
Теа со нејзиниот татко -Јаков, син на Ана Роза се посебна емотивна приказна за нашите Македонци во светот, како успешни луѓе во музиката.
Ангела, ќерката на Ана Роза и мајка на Матеа е успешна жена на професионален план во областа на медицината, е прикажана во полно светло во време на Ковидот. Со тоа е
наметната како тема и двегодишната светска битка на човештвото со невидливиот, толку моќен убиствен вирус. Нејзиното срце е длабоко доживотно рането од неверната нејзина животна љубов- Антон, но нејзиниот вечен спомен е нејзината ќерка Матеа за која само таа знае од каква љубов и верба е зачната, а каква неправда и невера и е направена, за кое во срцето има една црна голема дамка и една прекрасна бела роза.
Ана Роза, главната личност во романот не раскажува ниедна случка. Таа своето размислување го преточува во текстови, кои ги остава како траен спомен на идните поколенија, опишувајќи ги своите согледувања за сегашната состојба во Македонија, со актуелните случувања во неа. Таа е нежна, трпелива, грижлива, молчелива, но нејзините зборови имаат дејство на остра стрела.
Романот прави едно чудно чувство за размислување, како нашите Македонци во светот со труд, работа и талент се снаоѓаат и успеваат. За макотрпниот пат до успехот, авторот- писателот остава читателот да размислува. Тајните од срцето на главните личности, нивните доживувања се така наметнати, што предизвикуваат потреба од длабоко размислување. Еден редок заклучок дека светот е мал е запознавањето и брзоплетиот брак на Теа со Антон џуниор, синот на Антон. Внуката од брат на Ангела-Теа со синот на Антон, љубовта ја зголемува со раѓањето на нивната ќерка, која е продолжување на лозата на Ана Роза на далечниот континент, Австралија.
Овој роман буди силни чувства, човечки и патриотски и наведува на размислување на многу животни теми.
Насловот на романот е многу симболичен, длабоко филозофски замислен и буди желба за сопствена анализа на постапките, замислите, успесите, желбите, постигнувањата, донесувањето на сопствените животни одлуки на поединецот, од една страна и одлуките на водачите низ вековите и сегашноста и трагите кои остануваат.
Ана Роза, главната хероина, која цел век работеше и копнееше, ја имаше единствената желба да ги види своите деца во родниот град Струга кој го има најголемото богатство, езерото и реката. Бидејќи толку многу веруваше во тоа дека желбата ќе ѝ се исполни, на крајот го дочека денот во својата длабока старост да ги види своите деца со внуците, правнуците и зетовите да ги собере во своето родно гнездо, најубаво на светот, а потоа пак да ги испрати во нивниот свет во далечина, а таа да замине во вечното почивалиште, каде требаше да се сретне со оние кои ги имаше постојано во мислите.
Тара остана нејзиниот вечен непребол, а болката не ја изразуваше пред никого, освен преку перото во романот.
Името на Ана Роза е олицетворение на интернационалноста.
Copyright © 2024 viktorijagago.mk - All Rights Reserved.
Powered by GoDaddy